Црквите во Лазарополе

Црквата го зазема средишното место во селото, а за нејзината грандиозност придонесува бедемот со кој е опкружена. Бедемот започнува од спојот со камбанаријата, па продолжува сè до влезната врата од западната страна на црквата.

Нејзин ктитор бил општественикот, кнезот и големопоседникот од Лазарополе Ѓурчин Кокалески (1775-1863), кој во неа имал свој престол. Погребан е во дворот на црквата до олтарот по барање на народот.[2]

Црквата е прогласена за споменик на културата во 1997 година од страна на Министерството за култура на Македонија.

Св. Ѓорѓија – Ѓурепи и
Крстот на Цуцул

Малата црквичка посветена на Св. Ѓорѓија се наоѓа недалеку од селото во правец на исток, југо-исток, на патеката која што води до блискиот врв наречен Цуцул и претставува вистинска можност за добра прошетка и посета и на двете месности. За да се стигне до нив, се поминува низ прекрасни ливади окружени од букова шума, која и во најтоплите летни денови ја задржува утринската свежина. Патеката за пешачење воопшто не е напорна и претставува задоволство и за повозрасните посетители.
На стотина метри од мостчето се наоѓа чешма со исклучително студена вода, која тече во текот на целата година. Се верува дека оваа вода е лековита. Токму за ова чешмиче се врзува и преданието кое му претходело на добивањето на името на ова место.